По прозивката од поранешниот член на „огнените“, а сега лидер на новоформираната партија – Демократско движење, Изет Меџити, министерот за надворешни работи Бујар Османи демантира дека се сретнал со Никола Груевски во Будимпешта.
Меџити вчера преку Фејсбук упати јавно прашање до Османи дали бил во службена или приватна посетата во Будимпешта кога се сретна со Груевски.
Османи на Фејсбук одговори: „Еднаш рекоа дека се сретнал со Али Ахмети, па рекоа – не, се сретнал со Артан Груби, сега јас сум се сретнал со него! Можеби од четврти пат ќе погодат!“
Пред десет дена Меџити преку Фесјбук јавно праша дали е точно дека на експремиерот Груевски ќе му биде вратен пасошот.
И поранешниот премиер и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев ги демантираше наводите дека имал тајни средби со Груевски во врска со измените на Кривичниот законик.
Изјавата на Заев за ТВ 24 следуваше, откако претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за ТВ 21 рече дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.
-Не е точно дека сум имал тајни средби со Ахмети и Груевски и сум договарал измена на Кривичниот законик. Изјавата на Ахмети не е вистина, вели Заев во изјавата за ТВ 24.
И поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски преку постови на социјалната мрежа ги демантираше наводните средби.
Според Груевски за измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба, немало никакви тајни средби на кои тој учествувал.
Тој додава дека сите наводи за негови наводни комуникации и средби или, пак, влијанија на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и, како што вели, наводите дека во изминатиот период имал средби со претставници на власта во врска со одредени прашања.
-За средбите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прекинало ‘пред 3-4 години’, како што наведе Али Ахмети во неговото интервју, не можам да се произнесам бидејќи во тој период јас не сум во Македонија, по моето заминување од Македонија новото раководатво целосно ме екскомуницираше и немам никаков контакт или информација за нивните активности и одлуки, освен од медиумите, пишува Груевски на Фејсбук.
Прозивките за тоа кој се сретнал со Груевски се засилија вчера по интервјуто на Ахмети за „360 Степени“, кој на прашањето во врска со измените на Кривичениот законик и што доколку Груевски не помогне за двотретинското мнозинство за уставните измени, одговори дека поранешниот премиер нема никаква врска со Кривичниот.
-Не мислам дека мотивот бил некој да се рехабилитира. Главна причина е да се приближиме до стандардите на ЕУ. Овој закон што го сменивме припаѓа на законите на поранешна Југославија, рече Ахмети.
Во врска со тврдењата на албанската опозиција дека измените во Кривичниот се носат за Груевски да се врати, според Ахмети тоа се политички ставови, кои не се однесуваат на реформи во правосудството.
-Албанците не со сакаат Груевски затоа што се создаде таква медиумска атмосфера во минатото…Мислам дека ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден така се создава перцепција, но Никола Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер на Албанците, да не бидеме егоисти, за бидеме рационални, затоа што како прво сме луѓе. Тој беше премиер на оваа држава и сега не треба да шириме омраза, рече Ахмети, кој додаде дека таа омраза се развила затоа што тогаш тоа СДСМ тоа го ширеле преку медиумите.
Ахмети, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, беше прашан и „зошто дозволи едно негово политичко чедо, Изет Меџити, да си замине од ДУИ“. Ахмети одговара дека ако ДУИ е криминализирана партија, како што обвинува Меџити, тој требало поотворено да зборува со претседателот Ахмети против криминалот, неправдата или лошите работи кои се случувааат во ДУИ.
-Сега за Меџити да зборувам, испаѓа како да плукам нагоре. Што ќе се случи тогаш, плунката ќе ми падне на лице. Изет Меџити беше 20 години висок функционер на ДУИ. Се што ќе каже Меџити, личи на она што го кажав јас. И јас ако плукнам нагоре, плунката ќе ми падне на лице. Ако Изет Меџити зборува лошо за својата куќа, тоа е слично со тоа да ти падне своја плунка на лице. Ако бил криминализиран ДУИ, тој беше 20 години во ДУИ, и требало поотворено да ми зборува на состаноци против криминалот или неправдата, или лошите рабооти кои се случувааат во ДУИ, рече Ахмети.