Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествувал на Анталија дипломатскиот форум, во Република Турција, каде се обратил на панелот „Предизвици и можности на Балканот“, посветен на последните геополитички случувања на Балканот, специфичните предизвици и можните решенија за гарантирана стабилност и мир во регионот.

Османи, соопшти МНР, осврнувајќи се на состојбите во регионот подвлече дека тој и натаму продолжува да е ранлив со сложени прашања и дека креираните фрустрации во регионот многу лесно се канализираат и се употребуваат од трети актери, а тие фрустрации не се фиктивни туку многу реални и базирани на долгото чекање да се овозможи најонсовното право за реформи и прогрес кој би следел со отварање на поглавјата за земјите од Западен Балкан.

-Време е за брза и одлучна акција. Тоа што очекува Балканот е преземање на храбри чекори и зацртување на јасен пат за идното проширување и среднорочна визија за нашиот регион за постигнување на крајната цел – полноправно членство на земјите од Западен Балкан во Унијата, рекол Османи, додавајќи дека мора да се најде поинаков пристап со овозможување со мнозинство гласови ЕК да одлучи за отварањето на поглавјата со што ќе се поттикне реформскиот процес за земјите кои пристапуваат кон ЕУ а унанимното гласање да се употребува за затворање на поглавјата.

Ова трето издание на Анталија дипломатскиот форум. Оваа година се оддржува на тема „Водечката улога на дипломатијата во турбулентни времиња“. Учесници се високи функционери, политички лидери, академци, претставници на медиумите, бизнис заедницата и креатори на јавното мислење од целиот свет кои ја користат оваа платформа како одлична можност за дискусија и пренесување на нивните ставови.