Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, смета дека не треба да се губи време со комплетирање на уставните измени за вметнување на Бугарите и други народи во преамбулата од Уставот. Во моментов, според неговата изјава, во фаза е усогласувањето со претседателот и премиерот на државата околу започнувањето на овој процес, но неговите стравови како министер се дека преговорите со ЕУ би можеле да прекинат ако до ноември годинава не се направат уставни измени.
„Јас сум поборник дека не треба да губиме време во процесот на комплетирање на уставни измени затоа што мојот страв е дека ако ноември нè фати без завршени уставни измени, ќе прекинат преговорите, ќе го изгубиме моментот. А губењето на моментот е едно од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат и се плашам дека ќе влеземе во некакво си црногорско сценарио коешто е сега, а од кое е многу тешко после да се вратите со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата. Затоа сметам дека досега имаше одредени неформални координации кои јас ги нареков ’консултации низ ходници‘. Сметам дека оваа година треба да се почне со формален сет на консултации и јавни дебати во кои ќе бидат вклучени невладините организации, експертите, новинарите, јавноста и сите за да разговараме кои се аргументите про и контра уставни измени“, изјави Османи.