Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ја продолжува работната посета на Швајцарија, при што ќе се сретне со својот колега, сојузниот министер за надворешни работи Игнацио Касис.
Од МНР најавија дека Османи ќе има и други средби со дијаспората, кои живеат во други кантони на Конфедерацијата.
Работната посета на Швајцарската Конфедерација, Османи ја започна со средби со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората во Вил, област околу која гравитираат поголемиот број на иселеници, која се наоѓа во кантонот, Сант Гален.
Се разговарало за различни теми од интерес на дијаспората, за нивните потреби, но и за можностите за унапредување на комуникацијата со државата, можностите за подобрување на достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, како и потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија.
Посебен акцент на средбата бил ставен на спроведување на Пописот 2021, кој од 1 март оваа година, се спроведува за оваа категорија на државјани, при што Османи ги повикал на активна мобилизација и нивно учество во пописот.