Во Кривичниот суд беше соопштена пресудата за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков за случајот „Тортура“, кој се однесува на нечовечкото аспење на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година. Пресудата е ослободителна за Мијалков и припадниците на „Алфите“, а тоа значи дека според судот тие не се виновни за делото за кое се теретат.
Судењето за „Тортура“ почна во март 2018 година, а веќе еднаш почна одново, во октомври 2019 година, поради смена на поротник и изминати 90 дена од последното рочиште. Судот се осврна на самиот случај и постапувањето при апсењето на Бошковски.
Првообвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, беше осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело беа осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.