САД одново се потресени од крвопролевање – во Тулса, во сојузната американска држава Оклахома, вооружен напаѓач влетал во болница, убивајќи четири лица, а потоа и самиот себе си. Мотивите за делото и идентитетот на атентаторот не се познати, а тоа се случува по масакрот минатата недела во училиште во Увалде, Тексас, кога загинаа 19 деца и две наставнички и расистички напад во Бафало на 14 мај.

„Во моментов можеме да потврдиме смрт на четворица цивили и еден напаѓач, за кој претпоставуваме дека се самоубил“, изјави заменикот шеф на полицијата во градот, Ерик Делглајш. Според неговите зборови, напаѓачот влетал во зграда во која на вториот кат се наоѓа болница, носејќи огнено оружје. Полицијата, која стигнала веднаш по испраќањето итен повик за помош, чула истрели од зградата. Целиот напад, од приемот на повикот за помош до моментот кога полицајците стигнале до стрелецот, траел околу четири минути.

Сѐуште се врши проверка на идентитетот на напаѓачот, а засега не е дефинитивен ни бројот на ранетите. Белата куќа потврди дека претседателот Џо Бајден е информиран за нападот, а властите ветиле поддршка за Тулса.

Пратеничката од Оклахома, Мелиса Провенцано, ја пофали брзата реакција на полицијата: „Целиот настан можел да добие уште полоши димензии“, изјави таа за СиЕнЕн, истовремено изразувајќи шокираност од постојаното случување на вакви вооружени напади во САД.

Пред нешто повеќе од една недела во основно училиште во  Увалде,  Тексас, 18- годишно момче уби 19 деца и две наставнички, кои беа погребани вчера.

На 14 мај се одигра вооружен напад со расистички мотиви во супермаркет во Бафало, сојузната држава Њујорк – застрелани беа десет луѓе, а речиси сите жртви беа со темна боја на кожата. Напаѓачот е обвинет за тероризам и убиство.

Овие инциденти наново ја разгореа дебатата околу заострување на законите за  поседување оружје  во САД, кое со години во Конгресот е блокирано од страна на Републиканците и Демократите од руралните области.