Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска престојува во работна посета на Црна Гора, каде ќе учествува на Kонференција на високо ниво насловена „Зајакнување. Интегрирање. Раст“, посветена на регионалната економска интеграција. На настанот кој се одржува во Бечиќи, Црна Гора, учествуваат Министри за европски прашања и главни преговарачи со ЕУ од земјите на Западниот Балкан, како и претставници на Европската Унија.
Во рамките на конференцијата, министерот Муртезани ќе се обрати на сесијата „Придобивки од претпристапниот процес: Од СЕПА до зелени коридори и пошироко“, на која ќе се дискутира за имплементацијата на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, како и за клучните приоритети кои го поттикнуваат регионалното економско поврзување и усогласувањето со стандардите на Европската Унија.
На маргините на конференцијата, предвидена е средба со генералниот секретар на Советот за регионална соработка (RCC), Амер Капетановиќ. На оваа средба ќе се разменат мислења за тековните иницијативи за регионална интеграција и улогата на RCC во поддршката на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон членство во Европската Унија.
Текстот Орхан Муртезани во работна посета на Црна Гора е превземен од МАКФАКС.