Квалификациите во Скопје се од 11-16 јануари кога ќе ни гостуваат Турција и Босна и Херцеговина. За сигурен пласман во елитното континентално друштво потребно ни е прво место во групата, или, пак, второ, но со што подобар биланс затоа што на Европскиот шампионат во Полска, Чешка, Естонија и Финска, ќе одат и петте најдобри второпласирани репрезентации во седумте квалификациски групи.
Најдобрата македонска одбојкарска репрезентација одигра четири пријателски натпревари против Бугарија, ги загубивме сите, по двапати во Скопје и Софија.
Нашите одбојкари ги имаат завршните подготовки пред квалификациите. Иако турнирот во Скопје ќе биде без публика, малата предност на домашниот терен, како и објективниот квалитет, овозможуваат оптимистички пристап пред натпреварите со БиХ и Турција.
Иако во современиот спорт нема ништо сигурно, претпоставка е дека доколку одиграме на нивото од еврошампионатот во Словенија, ќе нема сила што ќе постави рампа за наше второ учество во елитното континентално друштво. Против Босанците в понеделник и потоа в четврток потребни се две максимални победи и што подобар биланс против објективно посилната, но не и непобедливата Турција, в среда и сабота.
– Не би сакал да се опуштиме. Според првичниот список, Босна и Херцеговина изгледа навистина добро, но голем дел од играчите нема да одговорат на повикот на селекторот. Сепак, треба да почекаме и да го видиме нивниот конечен состав. Јас мислам дека првата линија ја знам и сметам дека ние сме поквалитетни од нив. Но, без разлика на тоа, треба да играме максимално затоа што знаеме дека најтешко се добиваат добиените натпревари. Имаме искуство, знаење и квалитет за да пристапиме вистински, да оствариме две победи над босанската репрезентација и потоа да се бориме со Турција за првото место во групата – вели македонскиот капитен Никола Ѓоргиев.
ИНТЕРВЈУ Никола Ѓоргиев: Желба ми е не само пласман, туку и резултат на ЕП