Како суштествен начин кој треба да обезбеди продлабочена економска соработка со Словенија, Друштвото на македонски и словенечки стопанственици ја посочува потребата од приоретизирање на соработката во оние индустрии, кои што ќе донесат додадена вредност.
„Тука би се фокусирал на сите индустриски сектори, кои што се базираат на високи технологии, вештини и знаења“, вели за „Локално“, претседателот на ова Друштво – Војдан Јорданов.
Нема дилеми дека бизнисот ќе се втурне во секоја соодветна можност за инвестиција, соработка и развој кога тие ќе се појават, но и дека интересот за поголема соработка мора да биде пресретнат со соодветно поставување на условите на пазарот.
„Тоа вклучува стабилност и создавање на доверба во економското опкружување, даночните политики, законската регулатива, примената на законската регулатива, административните процедури и сите други аспекти кои што го чинат пазарот“, категоричен е Јорданов.
Токму акцентирањето на големиот број деловни можности меѓу двете држави и пронаоѓањето на можности за заеднички проекти за натамошен развој ќе бидат меѓу основните теми на економскиот форум на кој ќе учествуваат компании од Словенија и од Македонија.
Дека Македонија е интересен пазар за словенечките инвеститори потврда е обемот на трговската размена која изнесува 240 милиони евра, а целта е вкупната размена да се удвои.
„Ако си поставиме реална цел од 10% годишна раст, ќе ја удвоиме размената во рок од 7 години, односно пред 2030 година“, заклучува Јорданов.
Компаниите од Словенија и од Македонија повеќе од 30 години развиваат деловни врски, традиционални односи и инвестиции. На последниот бизнис форум беа најавени понатамошни заеднички проекти со Стопанската комора на Словенија. Може ли да бидеме задоволни од досега сработеното?
-Според трговската размена, Словенија во моментот е помеѓу 15-тото и 16-тото место на листата на економски партнери на Македонија. Ако не ги земеме предвид соседните земји и најголемите земји во светот, Словенија е единствената мала држава помеѓу најголемите 20 економски партнери на Македонија и тоа е така, во континуитет, од 1992 година. Одржувањето силни деловни односи во изминатите 30 турбулентни години зборува многу за издржливоста на традиционалната врска, што ја имаме меѓу нашите две држави.
Друштвото на словенечки и македонски стопанственици го формиравме годинава токму со цел да помогнеме во продлабочување на соработката и пронаоѓање на можности за заеднички проекти, кои што ќе придонесат кон понатамошен развој на двете економии.
Стопанската комора на Македонија, но и Владата искажаа голем интерес за поголема соработка во полето на енергетиката, инфраструктурата, животната средина, но и во металната и електроиндустријата, прехранбениот сектор и туризмот. Дали има услови за понатамошно интензивирање на односите во овие сфери?
-Накратко да. Има можност за интензивирање на соработката во сите овие сфери, но и во други индустрии. Во последните неколку години можат да се набројат неколку поголеми проекти и инвестиции во Словенија и во Македонија. Според мене, бизнисот ќе се втурне во секоја соодветна можност за инвестиција, соработка и развој кога тие ќе се појават. Значи, интересот за поголема соработка мора да биде пресретнат со соодветно поставување на условите на пазарот. Тоа вклучува стабилност и создавање на доверба во економското опкружување, даночните политики, законската регулатива, примената на законската регулатива, административните процедури и сите други аспекти кои што го чинат пазарот.
Колкаво е сегашното ниво на трговска размена меѓу двете држави? Според македонските стопанственици тоа може да биде најмалку двојно поголемо, па оттука и прашањето што треба да се направи за да се реализира оваа цел?
-Во 2021 година, остваривме 92 милиони евра извоз од Македонија кон Словенија, а 148 милиони евра увоз од Словенија, односно вкупна трговска размена од 240 милиони евра. Тоа е 87% раст во однос на 2005 година кога имавме вкупна трговска размена од 128 милиони евра. Односно, судејќи по досегашните трендови, потребни се повеќе од 16 години за да ја удвоиме трговската размена. Секако дека секогаш има простор за подобрување, но исто така е важно да се поставуваат целите врз основа на реални индикатори и можности, како и да се размислува долгорочно. За пример, ако си поставиме реална цел од 10% годишна раст, ќе ја удвоиме размената во рок од 7 години, односно пред 2030 година.
За реализирање на дадената цел, треба да преземеме конкретни чекори, што секако можеме да го направиме во повеќе области, услужни и производни. Трговската размена е сплет на многу производи и услуги, кои што не секогаш носат додадена вредност на обете страни. Стратешки, нам ни е потребно приоретизирање на соработката во оние индустрии, кои што ќе донесат додадена вредност. Тука би се фокусирал на сите индустриски сектори, кои што се базираат на високи технологии, вештини и знаења.
Голем број македонски граѓани се едуцираат во Словенија, а во текот на изминатата академска година на студии во оваа држава се запишаа околу 800 студенти од Македонија. Нашата држава секако дека може да има полза од образованието што ќе го стекнат таму, но дали имате сознанија колкумина од нив остануваат во Словенија и во кои сектори најчесто се вработуваат?
-Многу држави се соочуваат со одлив на квалитетен кадар заради студии или работа во странство. Со овој предизвик се борат далеку поразвиени економии од нашата, вклучително и словенечката. Јас лично сум пример на „одлеан“ кадар кој се вратил назад во Македонија. Затоа, силно верувам дека има начини како да се влијае на тој тренд, и тоа со добри услови за работа, силен културен и општествен развој, финансиска стабилност, владеење на правото, мнозинството прво ќе одбере да живее и работи во матичната земја, а не во странство.
Ако тргнеме од тоа дека основни предуслови за инвестирање се даночната политика, инфраструктурата, образованието, реалниот правосуден систем, реално се наметнува дилемата кое од овие полиња ги посочуваат словенечките компании како особено спорни во Македонија?
-Мислам дека не е новост доколку кажам дека стабилноста на даночниот систем и законската регулатива, владеењето на правото и доследноста во примена на регулативата, се основните фактори кои влијаат на странските инвеститори воопшто. Географски и по бројност на население, не сме инфраструктурен предизвик и затоа, според мене, инфраструктурата не е пресуден фактор. Би додал дека и деловната култура е еден од аспектите на кои што треба да работиме.
Независно од сите услови, кои што ги обезбедува едно општество или држава, учесниците во една индустрија мораат самите да преземат одговорност за поставување на нивните стратешки цели. Како држава треба да продолжиме посветено да работиме на сите споменати полиња, доколку сакаме да станеме поатрактивни за странските инвеститори, вклучително и словенечките.
Превземено од Локално.мк