Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со сопругата Мартина и сопругата на премиерот, Рози Мицкоска, во пресрет на најубавиот празник, учествуваа во хуманитарната акцтивност за приготување на повеќе од 250 топли оброци, наменети за најранливите категории сограѓани и поделени во пунктот за бездомници на Црвениот крст.
-Среќата е најголема кога се споделува со другите, од срце! Во пресрет на најубавиот празник, денешниот ден го посветивме на хуманоста. Заедно со сопругата на Премиерот, госпоѓа Рози Мицкоска, мојата сопруга Мартина, познатиот готвач Марк Де Јонг и вредните ученици од средното угостителско училиште „Лазар Танев“, со љубов и посветеност приготвивме повеќе од 250 топли оброци. Тие беа поделени во пунктот за бездомници на Црвениот крст – таму каде што секој гест значи надеж, а секој оброк значи грижа, нагласува Ѓорѓиевски во објавата на социјални мрежи.
Посочува дека во време кога дел од нашите сограѓани се соочуваат со тешки животни предизвици, наша човечка и општествена обврска е да подадеме рака.
-Затоа што хуманоста не е избор, туку темел на едно здраво, солидарно и праведно општество. Овие луѓе ја заслужуваат нашата грижа и почит, но најмногу, дела. Токму затоа, со директорот на училиштето и со Марк се договоривме оваа хумана пракса да продолжи најмалку четири пати месечно, за да помогнеме на што поголем број сограѓани, вели тој.
Ѓорѓиевски посочува дека се обврзува да работат и на обезбедување достоинствена работа за овие лица, како чекор кон полесно надминување на животните потешкотии.
-Малите дела на добрина имаат огромна моќ – да внесат светлина, надеж и верба во луѓето. Особено во време на големи празници, кога топлината на човечкото срце значи најмногу. Искрена благодарност до сите кои беа дел од оваа убава и хумана приказна. Ние ќе продолжиме, со срце, со дела и со верба дека заедно можеме повеќе, вели Ѓорѓиевски.
Текстот Орце, неговата сопруга и сопругата на премиерот готвеа за бездомните лица во Скопје е превземен од МАКФАКС.






















