Коалицијата ВЛЕН ќе предложи свој кандидат за градоначалник на Скопје, кажа денес првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. Во коалицијата се уште траат анализите за настап на претстојните локални избори, а засега извесно е само дека ќе го поддржат независниот кандидат за градоначалник на Струга, Менди Ќура.
„Ќе имаме кандидат за Град Скопје. Кој ќе биде и за Чаир и Скопје и за сите општини предложен од ВЛЕН, ќе биде извесно многу скоро. Досега ВЛЕН има определено да даде поддршка на независниот кандидат Менди Ќура, за Струга. При крај сме со сите општини со анализите, разговорите, мислам дека наредната недела ќе ги објавиме сите“, рече денес Меџити.
Како што е пракса во плурализмот, односно од деведесеттите навака, Меџити вели дека и за овие локални избори владините партнери ќе си помагаат исто како што си помага опозицијата.
Кандидатот од ВЛЕН за градоначалник на Град Скопје ќе се бори со актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски кој е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ и поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, кандидатка на СДСМ/ Макфакс