Орце Ѓоргиевски изјави дека кандидатурата за градоначалник на Скопје е еден од најголемите предизвици досега, изразувајќи благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за континуираната поддршка – и за време на мандатот во Кисела Вода, и сега.
„Свесен сум во каква состојба се наоѓа Градот – девастиран и сив. Но, подготвен сум по изборите да го воскреснеме Скопје и да го направиме град на достоинствен живот“, рече тој.
Ѓоргиевски најави дека ќе остане близок до граѓаните, како и досега, дека ќе ги слуша нивните барања и дека не се гледа како „салонски политичар“. Најави теренски посети и креирање на програма за решавање на најгорливите проблеми – сообраќајниот хаос, валканите улици и дивите депонии.
Ги повика сите граѓани да го поддржат, без оглед на партиската или верската определба, додавајќи дека за него постојат само скопјани кои го сакаат или не го сакаат својот град.