Синоќа Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ гостуваше во емисија на ТВ Стар каде што посочи дека ВМРО-ДПМНЕ да беше на власт досега ќе имаше околу 200.000 граѓани вакцинирано, и Македонија немаше да биде меѓу првите во светот по починати лица од КОВИД-19.
„За немање на вакцини гледам две објективни причини, прва е корупција, арамилак и втора причина е неспособноста. Тоа се причините. Не може цел свет да има вакцини, цела Африка има вакцини, цела Јужна Латинска Америка има вакцини, Европа веќе три месеци се вакцинира, а во Македонија ништо“, рече Ѓорчев.
Ѓорчев додаде дека граѓаните поради неспособноста на власта од дома не се излезени година дена.
„Со невидена леснотија Венко Филипче ни вика ние имаме еден од најдобрите системи за набавка и вакцинација на населението. Ако тоа не е безобразие, ако тоа не е забеганост, ако тоа не е брука и срамота, не знам што е. Не може како што прочитавме цел свет да набавува преку канали Влада со Влада, министерство со министерство, единствено нашата Влада да бара врски со фантом фирма регистрирана во Хонг Конг која што можеби претходно била регистрирана во оф шор земји и која што има двајца или тројца вработени, а која што никогаш не се занимавала со фармација. Што е тоа? Арамилак! Прочитавме дека Македонија сака да набавува вакцини и спремна е да плати 62 долари по вакцина. 62 долари по вакцина тоа е речиси 2.000 денари по вакцина. Знаете ли кои се цените на вакцините во моментов низ дузина и дузина европски земји? Македонските цени се најголеми во светот, и врв на сето тоа ги немаме. Внимавајте имаме ситуација во која што Кина, кинеската држава го враќа капарот затоа што нејќе да си има работа со нашиве комбинаторики. За тоа што е срам за нив, да се занимаваат, во светов нема Влада што така направила нешто како нашата“, рече Ѓорчев.
„Значи „Фајзер“ вакцината вреди 12 евра односно 700 денари, а нашата влада ги плаќа 2.000 денари. 1.300 денари од вакцина имаат стопено. „Џонсон и Џонсон“ чини 8.5 евра, тоа е околу 500-тини денари. А, нашиве плаќаат 2.000 денари. „Модерна“ е 18 евра, „АстраЗенека“ 1.78 евра, односно чини 100 денари. А, нашиве плаќаат 2.000 денари“, појасни Ѓорчев.
Ѓорчев потсети дека „Фајзер“ вакцините власта ги најави прво во јануари, па ги немаше, па ни во февруари не дојдоа, а не пристигнаа ниту на почетокот на март. Пола март помина, а вакцините ги нема се уште, изјави Ѓорчев.