Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.

„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.

Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.

Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.

„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.

Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.

„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.

Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Текстот Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија е превземен од МАКФАКС.