„На самиот почеток би сакал да се поклонам на вас, на сите вас што и вечерва во ваков импозантен број се собравте овде. Особено на оние кои што патуваат секој ден од другите градови, а се со една цел сплотена, заедно уште еднаш да им кажеме НЕ. Да им кажеме едно големо НЕ за Ултиматум со кој што треба сами да се укинеме како нација и да го поништиме постоењето на нашиот мајчин јазик и да го загубиме идентитетот под налетот на големо бугарските фашистички закани и уцени – истакна Филип Ѓорѓиев на денешниот протест „Ултиматум, НЕ благодарам“.

Ѓорѓиев додаде дека треба Владата да го слушне народот кој е против Ултиматум.

„Ако треба македонскиот глас нека се слушне и до Софија, но македонскиот народ нема да дозволи да се асимилираат македонските граѓани.

Европска Унија ДА, но само ако влеземе како Македонци кои ќе се гордо исправени, а не како асимилирани Бугари или било што друго, не со свиткани кичми, обезличени, обележани како нација со цртички или граѓани на некоја туѓа држава.

А, ние младите ќе им порачаме и на домашните предавници, злонамерници и трговци на нашите човекови права и слободи кои лесно виткаат кичма дека Македонија е на Македонците и на сите народи во неа кои ја сакаат и ја чувствуваат како своја земја“ – потенцира Ѓорѓиев.

Тој ги повика сите млади кои се уште се колебаат да го искажат својот револт, да се придружат на протестите затоа што Македонија се брани со акција и со дела, додавајќи дека младите имаат доволно причини да излезат што помасовно по улиците.

„Токму затоа, драги браќа и сестри не има се повеќе на улиците. Од тука вечерва би ги повикал и сите останати, а особено младите кои се уште се колебаат да излезат и да го искажат својот револт, бидејќи Македонија се сака и се брани со акција и со дела. А, зарем ние немаме доволно причини да бидеме сите на улиците? Нашиот народ има одлично памтење. Ни го земаа знамето, ни го земаа името, а сега сакаат и душата да ни ја земат.

Но, овој пат младите нема да им го дозволат тоа, ќе одат до крај и назад нема затоа што оваа предавничка Влада нема дно кое што го нема пробиено и дека истата мора да разбере дека Македонија е народот и дека народот си ја сака државата назад “– порача Ѓорѓиев.