Во текот на 2022 година собрани се вкупно 3.721 крвни единици со што годишниот план на Oпштинскиот Црвен крст Велес од 1776 крвни единици е остварен со 209,51 процент. Во споредба со претходната 2021 година собрани се 44 крвни единици повеќе, а годишниот план беше остварен со 207 проценти. На терен во 2022 година изведени се 26 крводарителски акции, за две повеќе од 2021 година, информира за МИА, Орце Николов секретар на ООЦК Велес.

Во текот на 2022 од теренските акции за доброволно дарување крв се собрани 1.313 крвни единици, додека преостанатите 2408 дарувања се реализирани во одделението за трансфузиона медицина во Велес од самоиницијативни дарувања на доброволни крводарители. Од собраните 3.721 крвни единици 861 се од крводарители жени, додека 392 се од дарители кои прв пат дарувале во својот живот.

-Со собраните 3.721 крвни единици обезбеден е континуиран и доволен прилив на крв во ЈЗУ Општа болница во Велес и се исполнети обврските према клиничкиот центар во Скопје, оценуваат од велешкиот Општински Црвен крст.

Од организираните 26 крводарителски акции по три се изведени со дарители од општина Чашка и Општина Градско како и во гарнизонот на Армијата во Велес. По една се изведе со вработените во МВР-ПС Велес, со ООУ „Блаже Конески“, со Детските градинки со Здружение „Велес Бајкинг“ и по две со учениците од средните училишта во градот, освен СОУ „Јовче Тесличков“ каде има премалку ученици за реализација на акција.

Останатите беа наменети за граѓанството и се изведоа во Ликовниот салон. На 17-ти април и на 6-ти ноември со мото клубот „Носачи на крстот“ беа организирани двете најголеми крводарителски акции со вкупно 327 дарувања.

–Општа оценка е дека крводаритеските акции беа добро организирани со зголемен одѕив на доброволни дарители. Бројката на учесници на крводарителски акции е највисока во последните неколку години. Исто така, неопходно е да се истакне дека, како и многу години наназад, одлични резултати се постигнати и од самоиницијативните дарувања, што секако се должи и на ефикасноста и соодветниот однос на вработените кон дарителите во одделението на Институт за трансфузиона медицина во Велес, потенцира Николов.

Воедно, Николов информира дека со престанокот на организирање на крводарителските акции во работните средини во голема мера е изгубен контактот на Општинската организација.

– Ова доведе и до речиси целосно замирање на организираниот живот на крводарителите во Велес, што доведува до состојба крводарителите да немаат со кого да ги споделат своите проблеми, ставови, видувања и предлози. Во овој правец се чувствува потреба од артикулирање на потребите, интересите и комуникациите на крводарителите и во крводарителството, вели Николов.

Тој појасни дека на одделението за трансфузиологија во Велес се дарува крв само во деновите понеделник и четврток што влијае за намалување на бројот на крводарувања.