Апликацијата на Општина Велес за реализација на проектот за уредување на централно градско подрачје е одобрена во прва фаза. Општината има рок до 21 април, годинава да ја заокружи целокупната техничка документација и да ја достави во финалната фаза на проценка.
Проектот насловен „СМАРТ (паметни) – решенија за Велес“ е аплициран во рамките на Програмата „ЕУ за општините – подобрување на услугите на локалната самоуправа преку иновативни концепти“, вреден 750 илјади евра. Апликацијата вклучува уредување на плоштадот и подземна гаража на локацијата пред Основниот суд, редефинирање на постојниот и изградба на уште еден нов кружен тек, уредување на пешачка и велосипедска зона на улицата „8-ми Септември“. Според планот, улицата ќе биде достапна исклучиво за службите на Итната медицинска помош, полицијата, Територијалната противпожарна единица и возилата на јавниот превоз.
Проектот вклучува и голем број таканаречени смарт или паметни елементи како што се паметни автобуски постојки, пристап до интернет преку урбани елементи со соларно напојување, паметен паркинг, полнач за електрични возила, електрично возило за туристи, набавка на 20 електрични велосипеди со дигитален систем за споделување, паметно осветлување, дигитални инфо табли и друго, информира градоначалникот Аце Коцевски.
Додаде дека тимот на Општина Велес работи на овој проект со поддршка на стручни консултанти. Идејниот проект го изработија еминентни стручњаци од Архитектонскиот факултет во Скопје. Во моментов се работи на Основниот проект и останатата проектна документација.
–Целта на проектот е велешани да добијат вистинска пешачка зона во срцето на градот, да се намали сообраќајниот метеж и да се намали загадувањето во централното градско подрачје. Воедно, проектот цели кон создавање подобри услови за локална економија во центарот на Велес особено за компаниите во областа на угостителството и трговијата, појасни Коцевски.