Општина Тетово тврди дека Владата го отфрлила нивното барање за обештетување од поплавите во градот во 2022 година, оценувајќи го потегот како политичка одмазда.
Според оценката на општината, нивниот извештај не бил прифатен од Комисијата за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди формирана од Владата со банални, па и политички причини.
Општината иако тврди дека бил отфрлен извештајот, до медиумите го праќа и известувањето од Комисијата во кое добиваат препорака извештајот да го изработат согласно методологија за тоа и да го вратат за 15 дена.
-Владата на Северна Македонија продолжува да се одмаздува на општина Тетово, односно нејзините граѓани, со отфрлање на извештајот на општина Тетово за проценка на штетите од поплавите во мај минатата година. Ја информираме јавноста дека Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди формирана од Владата, не го има земено во предвид извештајот на општинската комисија за проценка на штети од поплавите од 2022 година и покрај тоа што Владата има законски обврска за помош на подрачјата погодени од природни непогоди. Сметаме дека оваа одлука на Владата да не им помогне на жителите погодени од поплавите има политичка заднина како резултат на двојниот пораз што го претрпе политичката партија која е на власт, се вели во соопштението на Канцеларијата за комуникации и односи со јавност.
Понатаму велат дека за време на поплавите во Тетово, во 2022 година Советот на општината не функционирал и како резултат на тоа не било можно да се формира комисија за проценка на штетите, но и покрај тоа општината со сите алатки што ги имала на располагање им помогнала на жителите.
-Неколку пати сме се обратиле до Владата со барање да го преземе надоместокот на штетите бидејќи тоа и е законска обврска, но нашите барања беа одбиени без никакво образложение. Општина Тетово по изборите за совет на општината ја формираше и комисијата за проценка на штети предизвикани од поплавите во 2022 година со која го подготви конечниот извештај. Општина Тетово ги информира граѓаните дека централната власт не само што не презеде никаков чекор за помош на граѓаните погодени од поплавите, туку власта продолжува со опструкции и создавање незавидни ситуации, се вели во соопштението.
Општината најави конкретни мерки и активности неопходни за помош на граѓаните погодени од поплавите и ги уверува дека штетите предизвикани од поплавите ќе бидат надоместени и покрај финансиската криза со која се соочуваат како резултат на лошото менаџирање од претходната администрација.