На една од улиците во викенд населбата на Попова Шапка денеска започна да се отстранува оштетениот асфалт, а градоначалникот Биљал Касами најави дека додека има временски можности ќе се работи на обнова на коловозните ленти.

Тој најави дека општината почнува да работи на нов пристапен пат до оваа викенд населба. Тоа е делница од четири километри која треба да биде паралелен пат со веќе постоечкиот правец Попова Шапка-Тетово.

– Ние во првата фаза ќе одиме со тоа што го имаме како можност за интервенти работи, во вториот дел ќе бидат вклучени и сопствениците на викендички, со придонес за реализација на планот. Целата патна инфраструктура ќе треба да чини 200 до 300 илјади евра. Мрежата внатре е 2,5 километри плус 4 километри обиколен пат. Првата фаза ќе се изведе пред почетокот на сезоната, се ќе зависи од временските услови исто и за работите на пристапниот пат. Се надеваме дека ќе го решиме проблемот во тек на зимската сезона кога се јавува проблем со движење на возила и туристи со тоа што ќе се обезбедат услови да има кружен тек и возилата да се движат во една насока, изјави Биљал Касами.

Градоначалникот ги повика централните власти и тие да ги реализираат нивните најави за инвестиции на Попова Шапка.

-Имаме поврзани надлежности со Владата делот со управување и менаџирање со овој туристички центар. Знаеме дека некои терени се во сопственост на државното претпријатие ЕЛЕМ Турс. Имаше најавено инвестиција од надвор која веќе никој не ја спомнува. Затоа ние се надеваме дека тоа што ние го правиме како локална власт, ќе се приклучи и владата со своите задачи кои треба да ги реализира со цел Попова Шапка да биде туристички центар кој ќе биде посетен не само од државата туку и од надвор и со тоа ќе се овозможи економски раст, истакна Касами.

Според Здружението на граѓани Попова Шапка улиците се изградени во осумдесетите години од минатиот век.