Општина Куманово денеска ги негираше тврдењата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека не била доставена потребната документација за реконструкција на подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Агино село.
Министерот Шаќири вчера при посетата на Куманово рече дека општината не ја доставила целосната документација за санација на училиштето и ги повика надлежните да ја достават. Родителите пак не ги пуштија децата на училиште, бидејќи училиштето не е реконструирано.
– Општина Куманово ги отфрла и демантира обвинувањата од министерот за oбразование и наука, Јетон Шаќири дека Општина Куманово нема аплицирано по јавен повик за финансирање на објекти за изградба, доградба, надградба и реконструкција на основни и средни училишта со Бр. 09-7738/1 од 30.06.2022, информираа од општината.
До МОН, како што посочуваат, имаат доставено и барање за информации по јавниот повик за изградба, доградба, надградба и реконструкција на основни и средни училишта со бр. 22-5279/1 од 05.07.2022.
– Барањето е доставено за добивање на информација, дали аплицираниот проект е веќе рангиран, односно, дали е извршен негов избор поради начелото на итност на постапката. Досега немаме добиено никаков одговор, туку само усно ветувања од министерот Шаќири дека проектот ќе биде реализиран, велат од општината.
До Општина Куманово стигнало и барање од Советот на родители при ООУ „Кирил и Методиј“ за најавен бојкот на наставата за учебната 2023/2024 година и тоа, како што тврдат од општината, е препратено до министерот Јетон Шаќири со потсетување дека како Општина веќе аплицирале за реконструкција на училишниот објект уште во 2022 година.