Општина Крива Паланка во соработка со институциите од областа на културата ја подготви програмата на „Кривопаланечко културно лето 2023″ со повеќе од 30 настани – концерти, изложби, литература, уметност, џез, поп-рок музика, фолклор, фестивал на традиционална храна.

-Културната понуда на градот повторно ќе го привлече вниманието на публиката од регионот и пошироко, со настани за сите генерации – меѓународен детски фолкорен фестивал „Паланачка тројка”, вечер на „Осоговска староградска песна” во јули, меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски” и „Џојфест”- јубилејно десетто издание, кое ќе се одржи во август, во екот на празнувањата на градот. Програмата ја отворија младите со изложба на дела изработени во ЛУ Градски музеј за време на „Денови на културата”, а продолжува со една од најстарите ликовни колонии во државата – меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски”, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Тој напомена дека Крива Паланка и ова лето се очекува да биде неодминлива дестинација за бројни посетители, љубители на културата, уметноста, природата и секако, добрата храна, по која е позната општината. Како што рече, фестивалот на традиционална храна „Вкусот на традицијата” со кој се заокружува „Кривопаланечко културно лето” ќе понуди одлична можност за дегустација на вкусни традиционални македонски јадења, автентични за поднебјето на Општината и околината.

„Кривопаланечко културно лето” 2023 го реализираат Општина Крива Паланка, Национална установа Центар за култура Крива Паланка, ЛУ Градски музеј Крива Паланка, во соработка со здруженија од областа на културата и уметноста од градот, со поддршка на Министерство за култура на Северна Македонија.