Осум пожарникари од Територијалната противпожарна екипа – Гостивар денеска заминаа за Турција заедно со хуманитарна помош. Тие ќе им помогнат на турските власти во санирање на штетите и ќе пружаат помош на тамошните жители по катастрофалните потреси што го зафатија погодениот регион на Турција.

На испраќање, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари истакна дека пожарникарите се стручно обучени за пребарување и спасување.

– Со овој гест, Гостивар им излегува во пресрет на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Им благодарам на хероите на мојот град за подготвеноста и им посакувам многу среќа и исполнување на нивната мисија со чест и професионализам, изјави градоначалникот Таравари.

Екипата која заминаа за Турција со себе ќе понесе и хуманитарна помош донирана од компанијата „Алмеро“.

Таравари ги демантираше информациите дека во погодениот регион има ученици од Гостивар.
– Нема ученици од Гостивар кои организирано заминале во Турција преку програмата „Еразмус“ и тоа го проверивме уште вчера. Може некој да заминал самоиницијативно, но нема во организација на наши училишта, рече Таравари.