Советот на општина Дебар на денешната вонредна седница донесе едногласна одлука, со која, за настраданите подрачја во Турција и Сирија ќе бидат одвоени 300 илјади денари.
Освен тоа 15-те членови на Советот одлучија да издвојат по половина од месечниот финансиски надоместок што го добиваат како членови на советот.
Седницата почна со едноминутно молчење во знак на почит за загинатите во Турција и Сирија, а на неа учествуваше и градоначалникот Хекуран Дука, кој заедно со претседателот на советот Фуат Спахиу изразија сочувство до семејствата на загинатите а на повредените им посакаа побрзо закрепнување.
-Нашата општина е мала и недоволно развиена, но хуманоста е епитет кој ги краси нашите жители. Во рамки на можностите одвоивме средства, како прва помош, за настраданите подрачја. Изразуваме длабоко сочувство за изгубените животи а на повредените им посакуваме побрзо закрепнување. Нашите мисли и молитви и понатаму се со жителите во настраданите подрачја. Посакуваме вакво нешто никаде да не се повтори, рече Спахиу.
Општина Дебар и претходно, во рамки на своите можности, веќе ја има покажано хуманоста на дело. Општината се солидаризираше и со настраданите во катастрофалниот земјотрес што на 26 ноември 2019 година ја погоди Албанија, издвојувајќи финансиска помош во вредност од 300 илјади денари.
И советите на соседните општини, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, минатата недела, одвоија по 500 илјади денари, а 11-те советници на општина Центар Жупа одлучија за настраданите да го доделат месечниот финансиски надоместок што го добиваат како членови на советот.