Општина Центар остро реагира на изјавите од ВМРО-ДПМНЕ дека продала државно земјиште и ги отфрла како невистинити тврдењата искажани со цел намерно замајување на граѓаните.
„Општина Центар-Скопје од преземањето на надлежностите од Министерството за транспорт и врски во декември 2018 година, не продала ниту еден квадрат градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија по пат на јавно наддавање. Во случајов се работи за две посебни градежни парцели, од кои за едната, ГП 37.3 со намена А2-домување во станбени згради од ДУП Градска четврт Ј 07, општината поведе постапка за дооформување на градежно земјиште. Сопственикот на парцелата го исполнил условот наметнат од Законот, односно поседувал над 30% од градежната парцела, општината постапила согласно Законот и ја спровела постапката“, известуваат од општината.
Појаснуваат дека за другата градежна парцела, ГП 37.2 од ДУП Ј 07, со намена Б 5- хотелски комплекси, сопственикот купил само дел од земјиштето под легализирани објекти, согласно Законот, со што другите постапки за земјиштето не се водени пред Општина Центар.
„Се работи за продажба на земјиште од страна на Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кое спроведува постапка по барање од инвеститор за приватизација на ова градежно земјиште. Државното земјиште е отуѓено по цена која е формирана со Уредба за висината на надомест за приватизација на градежно земјиште, објавена во Службен Весник уште во 2011-та година“, информираат од оваа институција.
Општина Центар, додаваат од таму, во најмала рака сегашното раководство, досега не продала ниту квадрат државно земјиште.
„Горан Герасимовски, актуелниот градоначалник на Општина Центар, уште во предизборниот период, во многу наврати повтори дека нема да дозволи злоупотреба на ниту една педа државно земјиште. Наспроти тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, Герасимовски излегува на терен и прави увид при издавањето на секое одобрување за градба, дали просторот одговара за понудената цена, на каква местоположба се наоѓа итн. Тоа е она кое недостасуваше во ВМРО-ДПМНЕ. Овој вид на зделки и акции, во кои со маскирани возила нивни сопартијци бараа локации на Водно, е типично однесување за нив“, потенцираат од општината.
Појаснуваат дека општина Центар и новото раководство има единствен интерес – хуман урбанизам и подобри услови за граѓаните.