Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда.

Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите, извести општината.

В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.

Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка.

Инаку, д-р Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска.

Општина Аеродром останува посветена на создавање уште подобри услови за безгрижно и здраво детство на нашите најмили, додаваат од општината.