Општина Аеродром денеска официјално го започна проектот за системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата, при што точно 50 домаќинства добија специјални канти за селекција на пластика, а во наредните фази ќе бидат опфатени вкупно 600 домаќинства, соопштија од општината.
Воведувањето ваков модел на управување со пластичен отпад, акко што појаснуваат, претставува прв чекор кон систем што постепено ќе се проширува низ целата општина.
„Ова не е кампања, туку функционален систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Тој додаде дека како прва општина што воведува ваков модел, испраќа јасна порака дека одговорното управување со отпадот е можно кога постои визија, институционална поддршка и соработка со граѓаните.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека Општина Аеродром ја покажува вистинската иницијатива и одговорност кон животната средина. Според него, она што е особено важно за имплементацијата на проектот „Clean AirDrom“ – Нулта цврст отпад во Општина Аеродром, е што, покрај неговото значење за заштитата на животната средина, тој претставува и пример за успешно партнерство помеѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската Влада и Општина Аеродром. Преку ова партнерство е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот.
За спроведување на проектот, за поттикнување на селекцијата кај граѓаните и за предавање на селектираниот отпад на овластени компании на понатамошен соодветен третман е задолжено Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.
Со почнувањето на овој проект Општина Аеродром, додаваат од таму, директно придонесува кон намалување на мешан комунален отпад, заштита на природните ресурси и развој на свесни граѓански навики, но исто така покажува и дека нејзините еколошки политики не се само декларативни, туку практични и применливи.
Текстот Општина Аеродром воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата е превземен од МАКФАКС.























