Во текот на летниот период интензивно се работи на подобрување на условите во детските градинки и во основните училишта во Општина Аеродром, каде што покрај редовното бојадисување и темелно чистење, се вршат и поголеми зафати, објавија од Општината.
Во детската градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче, беа санирани дел од тоалетите, а целосна реконструкција се направи и на големата тераса на која старите и дотраени плочки се заменија со нови за безбедна настава и игра на дечињата.
Исто така, набавени се и нови детски реквизити што во наредниот период ќе бидат монтирани во дворот на градинката, со што децата ќе имаат можност на уште позабавен начин да го минуваат времето надвор.
Денеска, покрај „Буба Мара“, в.д. градоначалникот, Дејан Митески, го посети и ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, каде што исто така летниот распуст се користи за значајни зафати за обнова и реконструкција.
Она е што е ново е поставувањето на фотоволтаици, кои се донација од општествено-одговорна компанија, како и инсталирање паметен систем за следење и управување со потрошувачката на електрична енергија во училиште, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Македонски Телеком.
Со овој проект, Оптшината очекува во голема мера да се намалат сметките, но и паметно да се управува со потрошувачката на електричната енергија.
Во овој период во ООУ „Лазо Ангеловски“ се молерисуваат 14 училници, се отстрануваат дрвените панели од ходниците и естетски се уредуваат ѕидовите, се врши санација на таванскиот дел меѓу училиштето и фискултурната сала, а се менуваат и влезните врати на училиштето и на фискултурната сала.
„Продолжуваме и во наредниот период интензивно да работиме на реконструкција и санација и во други училишта и детски градинки, а оваа година за таа немена издвоени се околу 9 милиони денари“, велат од Општина Аеродром.
Текстот Општина Аеродром почна со обнова и реконструкција на училиштата и градинките е превземен од МАКФАКС.