Општина Аеродром најавува дека ќе се прават голф терени во руралниот дел на општината, односно во селото Лисиче. Ова е дел од проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените ќе се протегаат на површина од 15 хектари, а за нивна изградба и ставање во функција потребни се 2,5 милиони евра.
Од Општина Аеродром најавуваат дека овој проект би се реализирал за две години, односно во 2023 Скопје и земјава за прв пат ќе добијат голф комплекс, што било долгогодишно барање на голф федерацијата.
„Успеавме да пронајдеме соодветен простор односно земјиште кое досега се користело како дива депонија. Овој простор е соодветен за вакви терени. Просторот ќе го зазелениме, нема да има шанси во иднина да прерасне во градежна парцела за објекти, а воедно и ќе го уредиме и ќе го развиеме овој спорт“, вели Александар Георгиевски, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.
Општина Аеродром вчера го презентираше проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“, кој предвидува програма за четиригодишно работење со кои во 2025 година ќе стане единствена општина со европски стандарди во земјава. Беа најавени дваесет проекти за чиста животна средина, квалитетно урбано живеење и развој на руралните делови од општината, кои покрај со пари од буџетот ќе се реализираат и со средства и грантови од Европската унија.