Во насока на промовирање на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, Општина Ѓорче Петров за прв пат распишува јавен повик за доделување субвенции за граѓаните кои набавиле клима уред или топлотна пумпа за затоплување на своите домаќинства.

Право на аплицирање имаат сите жители на територијата на Општина Ѓорче Петров кои:

· имаат пријавено живеалиште на подрачјето на општината;

· набавиле клима уред или топлотна пумпа во периодот од 01.01.2025 до 30.06.2025 година;

· не се приклучени и немаат можност за приклучок на централно градско греење;

· претходно користеле печка на дрва, јаглен, нафта или мазут и се согласуваат да ја предадат на Општината;

· не користеле претходно субвенции за набавка на пелет печка или инвертер.

Општината субвенционира:

· до 50% или максимум 15.000 денари за клима уред;

· до 10% или максимум 21.000 денари за топлотна пумпа.

Дополнително, данокот на личен доход кој произлегува од исплатената субвенција ќе биде покриен од страна на Општината.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во својата објава на социјалните мрежи истакна дека оваа мерка е дел од општинската програма за заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот. „Со оваа поддршка, ги стимулираме граѓаните да се ослободат од штетните и застарени начини на затоплување како што се печките на дрва, мазут и јаглен, и да преминат кон поеколошки и економични решенија,“ нагласи Стојкоски.

Документацијата се поднесува во затворен плик во архивата на Општина Ѓорче Петров, секој работен ден од 08:30 до 15:00 часот. Повикот ќе биде отворен до 30.06.2025 година, односно до исцрпување на предвидените буџетски средства. Пријавите ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување, исклучиво доколку документацијата е комплетна.

Текстот Општина Ѓорче Петров првпат распишува јавен повик за субвенции за клима-уред или топлотна пумпа е превземен од МАКФАКС.