Славната водителка Опра Винфри (67) првпат јавно проговори за интервјуто кое го направи со принцот Хари и Меган Маркл, за кое и понатаму се зборува.
Водителката истакнала дека не ни претпоставувала колкаво внимание ќе привлече целата приказна и дека интервјуто ќе одекне низ целиот свет. Како што наведува, таа само сакала да му овозможи на парот да ја раскаже својата страна од приказната и да ја открие вистината која може да се слушне само од актерите на приказната, пишува „Дејли мејл“.
Фото: Профимедиа
Опра рекла и дека најголемо изненадување за неа било тврдењето дека членови на кралското семејство дебатирале за бојата на кожата на принцот Арчи (синот на Хари и Меган), и дека тогаш морала да направи пауза за да си дојде при себе.
– Прашав: „Што? Навистина ќе одите толку далеку?“ – се присетила Опра.
Водителката признава и дека пред снимањето на интервјуто, разговарала со Меган и Хари за тоа како ќе изгледа сè и во која насока ќе се одвива разговорот, како што тоа го прави и со другите гости.
– Причината зошто интервјуто доби толкави размери е тоа што за соговорници имав некој кој беше отворен, ранлив и искрен – раскажала Винфри.
„Не си ги препишувам заслугите за ова интервју, јас придонесов со тоа што поставував прашања, но интервјуто испадна такво какво што е поради начинот на кој тие одговараа на истите“, додала познатата водителка.
Фото: Профимедиа
Интервјуто траеше повеќе од три часа, а Опра ѝ рекла на екипата што го снимала шокантното интервју дека не смеат никому да ги откријат деталите од интервјуто пред да биде емитувано.
– Пуштавме делови на Си-би-ес и го правевме тоа на начин што ништо не може да биде погрешно протолкувано. Беше вложено во тоа многу труд и енергија – додала таа.