Опозицијата бара власта да го повлече законот за попис од собраниска процедура во спротивно ќе се мобилизира да го поништи после донесувањето.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека пописот е потребен, но како статистичка, а не политичка операција како што ја подготвува власта вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
„Ќе има иницијатива за собирање потписи во Министерството за правда, предлог закон во Собранието за поништување на овој закон кој по насилен пат владејачкото мнозинство се обидува да го донесе“, се закани Мицкоски.
На собрансиката расправа, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска рече дека законското решение е правна небулоза.
„Замислете драги студенти, ќе ви дадам пример, ова би значело дека на Претседателот на Собранието му е потребен субпотпис од Потпрестедателот, или на Премиерот му е потребна согласност од првиот заменик премиер или нема да важат неговите акти “ рече Силјановска.
Пратеникот на ДУИ Арбер Адеми тврдеше двојниот потпис бил предвиден и во Пржинскиот договор, каде министерот и заменик министерот имаа поврзан потпис.
„Ова е од приоритетит на ДУИ каде што се овозможува доверба во резултатите од овој попис. Така што двојниот потпис не е нешто неуставно. Не знам зошто сте против попишувањето на населението надвор од нашата држава“, изјави Адеми.
Пратеничката од владејачката СДСМ Снежана Калевска Ванчевска вели дека однесувањето на опозицијата е контрадикторно затоа што два дена се водела амандманска расправа за 37 амандмани и опозицијата вели дека тоа не била суштинска расправа.