Како албанската, така и македонската опозиција ја бојкотираа манифестацијата по повод 20-годишнината од Охридскиот договор. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски иако беше предвидено да одржи говор на првата панел дебата, сепак не беше присутен во салата. Покана за присуство, но не и за говор, добија и претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и на Алтернатива, Африм Гаши, но ниту тие не дојдоа! Зуљфи Адиљи од коалицијата АА-ААА во реакција за медиуми рече дека оние кои две децении ја имале најголемата одговорност за спроведување на овој договор, денеска организираат прослави и скапи забави за да го прикријат дводеценискиот неуспех. Охридскиот договор, според Адиљи, продолжува да е тема на дебата, додавајќи дека ниту еден столб од договорот не е заокружен.
„Сѐ уште не се исполнети обврските од договорот, како што се: правична застапеност, социјална и економска еднаквост, уставна еднаквост на граѓаните во земјата, квалитетно образование, ресоцијализација на учесниците во конфликтот, реална децентрализација, нефункционалноста на Бадентеровиот систем, меѓуетничките односи и европската интеграција“, посочи Зуљфи Адили.
ВМРО-ДПМНЕ уште вчера најави дека ниту претседателот Мицкоски, а воедно ниту еден член на партијата нема да присуствува на манифестацијата. Наместо државна агенда, прославата стана партиско-политичка промоција.
Најголемата закана за Охридскиот договор, според ВМРО-ДПМНЕ е токму оваа власта која го дели народот на – кој е со нив, а кој против нив! Албанската опозиција во својата реакција ја повикува ДУИ да не манипулира со крвта и жртвата на војниците и сите оние кои придонеле. Од Коалицијата АА-ААА обвинуваат дека парите не се трошат за Охридскиот договор, туку за прослави и предизборни кампањи, злоупотребувајќи го овој документ.