Намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти за електричната енергија за опозицијата е обид на власта за манипулација на граѓаните пред избори бидејќи од следната година граѓаните ќе плаќаат драстично повисоки сметки за струја. По објавување на измените во законот за ДДВ во Службен весник на граѓаните ќе им се пресметува 5 проценти ДДВ на потрошената електрична енергија.
„Власта реши предизборно да го намали ДДВ за граѓаните да не ја почуствуваат новата цена, но затоа веќе од идната година ќе се качи ДДВ на 10 проценти а во 2023 ќе се врати на старите 18 проценти“, рече Тимчо Муцунски- пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Парламентарното мнозинство не го прифати амандманот со кои баравме ДДВ за електричната енергија од 18 на 5 проценти не само за една година туку да важи во наредните десет години. Затоа сметаме дека треба да се обратиме на граѓаните со намера да ја разоткриеме измамната политика на Владата која служи за изборниот период“, рече Илире Даути- пратеничка Алијанса за албанците.
Министерството за финансии како предлагач на измените не интервернираше законското решение за намалувањето на ДДВ-то да важи од први јули како што беше ветено. Ова значи дека се додека намаленото ДДВ не се усвои и законот не се објави во Службен весник, граѓаните за потрошена електрична енергија ќе платат поскапа струја за цели 12,3% .
Власта се правда дека во измените не го вметнале први јули како датум од кога треба да важи намалувањето на ДДВ-то, сметајќи дека пратениците навремено ќе го донесат. ДДВ – то ќе биде 5 проценти до први јули 2022 година, по овој датум ќе се искачи на 10 проценти, а во 2023 ќе се врати на сегашните 18 проценти.
Андреа Чобанова