Министерството за надворешни работи информира дека успешно е завршен процесот на евакуација од Авганистан и на последните државјаните на Република Северна Македонија, а кои поради ангажманот при НАТО базата во Кабул беа последни во распоредот за евакуација.
Според последните информации кои утрово се пристигнати од нашата дипломатска мрежа, најголемиот дел, или 39 наши граѓани се наоѓаат во Свиндон, Велика Британија, од каде по неколкудневниот карантин, согласно епидемиолошките правила на земјата, ќе бидат упатени за дома; во Осло, Норвешка се наоѓаат седум наши граѓани, кои исто така согласно епидемиолошките мерки на земјата домаќин се наоѓаат во неколкудневен карантин, по што наскоро ќе бидат упатени дома. Последно, 27 наши граѓани се наоѓаат во воената базата на САД во Доха, Катар и се на безбедно. Трансферот на овие граѓани кон Европа сѐ уште не одреден и се прават дополнителни напори и со катарските власти, и со администрацијата на САД, за нивно скорешно упатување кон Скопје.
Во оваа прилика, Министерството за надворешни работи упатува благодарност до сојузниците и нивните претставници во Кабул, кои вложија огромни напори за безбедна евакуација на затекнатите граѓани, како и на претставниците од Работната група и дипломатската мрежи во рамките на Министерството, кои изминативе неколку дена дадоа максимум за безбедна и непречена евакуација на нашите граѓани.
Министерството за надворешни работи, заедно со дипломатско конзуларните претставништва во земјите каде привремено се сместени нашите граѓани, остануваат во постојан контакт и одблиску го следат нивниот трансфер кон земјава.