По одложувањето на пописот на населението за септември, интересот за попис во дијаспората значително се намали. Ако во текот на март илјадници иселеници се регистрираа секој ден, од почетокот на овој месец, тоа го сториле само неколку стотини. Од 1 до 20 април се регистрирани сè на сè, само 11.129 иселеници. Вкупниот број на самопопишани достигна 188.017. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во емисијата „200“ на Алсат, потврди дека процесот забавил, но оти продолжува без проблеми.
Инаку и понатаму најголем интерес за попишување има во Швајцарија, Германија и Италија, а најмалку во САД, Канада и Австралија. Симовски е убеден дека пописот ќе се одржи бидејќи сега сите поголеми политички партии во земјава го прифатија и пописот и методологијата за негово спроведување. По противењата на ВМРО-ДПМНЕ пописот да се спроведе овој месец, беше одлучено тој да се одложи за неколку месеци, односно од 5 до 30 септември. Дотогаш иселениците ќе можат да продолжат да се попишуваат.