Првиот конвој цивили кои со денови беа блокирани во челичарницата Азовстал во Мариупол пристигна денеска во блискиот град Запорожје, кој е под контрола на украинските сили, информираа Обединетите нации.
ОН соопштија дека 127 цивили пристигнале во Запорожје, евакуирани од Азовстал, последното украинско упориште во Мариупол, кој од 21 април е под блокада на руските сили.
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека неколку стотици цивили останале во Азовстал.
Во меѓувреме, украинските борци во Азовстал наведуваат дека руската армија и проруските сили денеска започнале офанзива врз челичарницата.
Откако руските сили го зазедоа Мариупол, рускиот претседател Владимир Путин на 21 април и нареди на армијата да не ја напаѓа железарницата, туку да ја држи под блокада.
Заменик командантот на украинскиот полк Азов, чии борци се во Азовстал, потврди дека руските сили денеска започнале напад врз железарницата.
Претходно денеска, полицискиот службеник во Мариупол, Михаил Вершинин изјави дека руската армија „почнала да ја напаѓа фабриката на неколку места“.
Командантот на бригадата на Националната гарда на Украина, кој исто така се наоѓа во Азовстал, изјави дека „непријателот се обидува да упадне во фабриката со значителни сили користејќи оклопни возила“