Ситуацијата во северниот дел на Појасот Газа е „апокалиптична“, бидејќи Израел продолжува да спроведува воена офанзива против милитантите на Хамас во таа област, предупредија денеска претставници на Обединетите нации.

„Целото палестинско население во северниот дел на Газа е под непосреден ризик од смрт, од болести, глад и насилство“, се вели во заедничката изјава на шефовите на неколку агенции на ОН, вклучително и УНИЦЕФ и Светската програма за храна, пренесе Ројтерс, пренесува Танјуг.

„Хуманитарната помош не може да биде во чекор со обемот на потребите поради ограничувањата за пристап. Не се достапни основните средства за спасување. Хуманитарците не се чувствуваат безбедно да ја вршат својата работа, а израелските сили го блокираат нивниот пристап до луѓето на кои им е потребна помош“, се наведува во соопштението.

Претставници на ОН ги повикаа сите страни кои се борат во Газа да ги заштитат цивилите и го повикаа Израел да ги запре нападите врз Газа и хуманитарците кои се обидуваат да помогнат“.

Израелската мисија во ОН во Њујорк одби да ги коментира овие наводи.

Во октомври, амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, на седницата на Советот за безбедност рече дека на Газа не ѝ недостига помош, туку дека е киднапирана од Хамас, што постојано беше демантирано од таа група.

Палестинската управа за управување со вонредни состојби во понеделникот соопшти дека околу 100.000 луѓе во Џабалија, Беит Лахиа и Беит Ханун во северниот дел на Газа се без медицински и прехранбени резерви.

Администраторката на УСАИД, Саманта Пауер, денеска разговараше со израелскиот амбасадор во САД, Мајкл Херцог, кого го информираше дека Вашингтон очекува Израел да ја подобри хуманитарната ситуација во Газа или ќе се соочи со потенцијално ограничување на американската воена помош.

„Пауер и Херцог разговараа за потребата да се добие поголема помош за палестинскиот народ“, рече портпаролот на УСАИД Бенџамин Суарато, додавајќи дека за време на состанокот била изразена сериозна загриженост на САД за хуманитарните услови во северниот дел на Газа.