Носителот на новиот сој „Омикрон“ кој вчера и официјално беше регистриран во Македонија е во добра здравствена состојба – вели за Канал 5 министерот за здравство Венко Филипче и додава дека нема да има карантин за останатите патници во авионот бидејќи се почитувале протоколите. И покрај тоа што присуството на сојот за кој важи дека има голема трансмисија, Филипче смирува дека во моментов не постои ризик за влошување на епидемиолошката состојба, но сепак вели дека ситуацијата ќе следи, па согласно со истата и ќе се постапува.
Иако сојот Омикрон затвори многу земји во светот во пресрет на Нова година и Божиќните празници, Филипче вели дека засега нема потреба од порестриктивни мерки во моментов во Македонија, а граѓаните ќе прославуваат со постојните протоколи, со апел да се почитуваат истите за да се спречи ширење на вирусот.
-Сметам дека сите овие мерки кои што се на сила сега кај нас се сосема доволни и не треба да се зголемува степенот на рестрикција во било која смисла, како во однос на тоа што се бара за влез во земјата, така во однос на се што важи за масовните собири, без разлика дали се тоа затворени објекти или некои настани или во угостителските објекти, вели Филипче.