Ширум Европа започна да се шири нов бран на коронавирусот, а повеќето земји воведуваат построги епидемиолошки мерки, од задолжително носење на мерки, забрани за собири, препораки за работа од дома до целосно затворање, како што е случајот во Австрија или Германија која планира воведување на задолжителна вакцинација токму по примерот на Австрија. Меѓутоа и натаму има земји како што е Велика Британија, каде моментално на сила се поблаги мерки.

Во европските земји расте и загриженоста од појавата на новата варијанта на ковид-19, омикрон, кој првпат е забележан во Јужна Африка. Меѓутоа, засега, делта сојот останува најраспротранета варијанта на ковид во Европа.

Данска забележа 183 случаи на заразени со омикрон

Данска денеска објави дека има вкупно 183 регистрирани случаи позитивни на варијантата омикрон. Оваа земја во петокот имаше само 18 потврдени случаи и 42 сомнителни на омикрон.

Австрија го продолжи локдаунот

Десетици илјади Австријци на улиците го изразија своето незадоволство за време на третата недела од протестите против воведувањето на задолжителна вакцинација и други епидемолошки мерки.

Германија препорачува да не се патува за празниците

Германските власти им препорачаа на своите граѓани да останат дома за божиќните празници во период кога земјата се бори со ширењето на пандемијата со ковид-19. Канцеларката пак во заминување, Ангела Меркел, вчера повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат.

„Вакцинирајте се, примете и бустер доза, вакцинацијата помага“, порача Меркел.

Белгијците протестираа во Брисел

Илјадници Белгијци маршираа во Брисел во протестите поради новите рестриктивни антиковид мерки.

Извикувајќи „слобода, слобода“, луѓето протестираа пред зградата на ЕУ. Некои носеа транспаренти критикувајќи ги вакцините и воведувањето на задолжителна вакцинација. Протестите почнаа по најавата на премиерот Александар де Кроу, кој во петокот најави дека градинките и основните училишта ќе бидат затворени седум дена пред почетокот на божиќните празници, додека децата постари од шест години ќе треба да носат маски.