Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев ги обвини медиумите дека имаат и тие вина за перцепцијата кај граѓаните дека судството е корумпирано, со тоа што постојано пишуваат дека судиите се корумпирани.
„Јас сметам дека граѓаните се корумпирани и никој не пишува за тоа. Лично ми приоѓаат да сум им завршел предмет, отворено пројавуваат намера да дадат и бакшиш или мито, не само кај мене, туку и кај други колеги. Јас им велам:’Ај ве молам!’ Сметам дека за тоа се виновни и медиумите, пишувајќи постојано дека судиите се корумпирани. Практично ги хранат граѓаните со такви информации и ги учат дека на тој начин треба да ја добијат правдата пред судот“, ги критикуваше претседателот Џолев медиумите на денешната дебата организирана од Антикорупциската комисија, за корупцијата во судството, пишува СДК.мк
На дебатата и судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот кривичен суд кажа дека тежок проблем за судот и особено за судството е што најголемите корупциски предмети кои беа пред пресуда, до еден се вратија на почеток поради пензионирање на поротник. Предложи да се донесат законски измени на тие поротници да им се продолжи мандатот до завршување на судскиот процес од висок јавен интерес, предложи и други решенија и споредби со други земји.