Поранешната американска државна секретарка, Медлин Олбрајт, денеска изјави дека со изборот на Џо Бајден за претседател САД влегуваат во нова ера.

Во таа нова ера, смета таа, многу важно ќе биде да дојде до тесно поврзување на надворешната и внатрешната политика.

-Со изборот на претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис имаме можност за нова политика, бидејќи верувам дека влегуваме во сосема нова ера, рече Олбрајт на панелот на Атлантскиот совет под наслов „Изградба на темели во САД за американското лидерство во странство”.

Според неа, многу е важно Американците да не се плашат да зборуваат за надворешната политика, бидејќи се покажа дека тоа влијае и на внатрешната политика и животот на граѓаните во САД.

Олбрајт истакна дека, за време на нејзиниот мандат (1997-2001), таа секогаш се обидувала да ја поврзе надворешната политика со внатрешната политика, но истакна дека геополитичката состојба во светот сега е поинаква.

Коментирајќи го идниот кабинет на Бајден, таа оцени дека номинациите се позитивни, бидејќи станува збор за луѓе кои имаат чувство и за надворешната и за внатрешната политика.

Олбрајт смета дека, по четирите години од администрацијата на Трамп, САД сега немаат добар углед во светот и дека постои недоверба, но дека новата администрација сака тоа да го смени.

-Искрено, многу меѓународни организации треба да се поправат, но тоа не може да се направи ако не сте на масата, рече таа, додавајќи дека веќе може да се види дека администрацијата на Бајден ја разбира потребата за соработка и да сослуша.