Денес истекува огласот за владината мерка за справување со пожарите на кој се бараат 400 невработени за помош при гаснењето на пожарите низ земјава за 24.000 денари месечно. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во Скопје има малкумина пријавени.

„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територијата на државата. Нам ни беа потребни 400, за жал бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80. Денес истекува огласот, овие лица во наредните два-три дена ќе бидат контактирани, ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици. Некои до нив, особено оние во Дирекцијата за заштита и спасување ќе почнат со најмалку дводневна обука, период во кој е се изврши селекција на оние кои ќе можат да продолжат понатаму да се развиваат во насока на пожарникари“, вели директорот Ангелов.

Оние кои ќе се покажат како најдобри ќе добијат можност да бидат вработени во локалните противпожарни единици, а најдобрите меѓу најдобрите, пак, ќе можат да бидат дел од новата специјална единица на ДЗС. Директорот Ангелов вели дека по вработувањето, оние невработени кои ќе се покажат како најдобри меѓу најдобрите, ќе земаат поголеми плати и од пожарникарите.

„Специјалната единица ќе има повисока плата и од пожарникарите, затоа ќе бидат во помал број, но ќе бидат користени секаде онаму каде што е најтешко вклучително и на тешко пристапни терени каде што обичен човек или просечен пожарникар не би можел да се движи. Затоа што еден од приоритетите е да имаме луѓе кои се физички многу подготвени и можат да се пробијат секаде. Зборуваме за единица во која сите би биле помлади и физички поспремни за да можат да одговорат на најсложени задачи“, рече директорот Ангелов.

Сегашниот ангажман за 24.000 денари според него е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекцијата и да се изберат оние кои ќе бидат вработени во противпожарните единици во кои платите се над 40 илјади денари./Макфакс

Текстот Околу 500 невработени се пријавиле да гаснат пожари за 24.000 денари месечно, огласот истекува денес е превземен од МАКФАКС.