Данските и финските власти соопштија за први позитивни случаи на коронавирус кај навивачи, кои следеле натпревари од групната фаза на ЕУРО2020 во Копенхаген и во Санкт Петерсбург.

Данските здравствени власти потврдија вечерва дека најмалку седум луѓе имале позитивен тест на коронавирус, откако присуствувале на натпреварите одиграни на стадионот „Паркен‘ во Копенхаген.

Здравствените власти повикаа неколку илјади навивачи, кои го следеле натпреварот меѓу Данска и Белгија на 17 јуни да се тестираат, по што е потврдено присуство на делта сојот на Ковид-19 кај петмина од нив. Другите два случаи се констатирани по натпреварот меѓу Данска и Русија, одигран на 21 јуни, исто така, во Копенхаген.

Паралелно со ова, финскиот информативен јавен сервис извести за 80 инфекции со вирусот меѓу луѓе, кои изминатите денови влегле во Финска од Русија, каде следеле натпревари од Европското првенство.

Рускиот Санкт Петерсбург е меѓу 11-те домаќини на ЕУРО2020, а локалните власти минатата недела ги заострија мерките против Ковид-19 во градот, кој треба да биде домаќин и на еден четвртфинален натпревар.

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), од своја страна, изрази денеска задоволство од малиот број заразени со коронавирус на Европското првенство, кое продолжува викендов со натпреварите од нокаут фазата.

Вкупниот процент на позитивни тестови по одигрувањето на групната фаза на Европското првенство и натаму е низок, се наведува во соопштението од УЕФА.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.