Основното јавно обвинителство Гостивар до надлежниот суд достави предлог за издавање казнен налог против 41-годишна жителка на селото Топлице која сторила кривично дело – Измама при добивање кредит или друга погодност од член 249 од Кривичниот законик, поради земјоделски субвенции добиени со измама.
Обвинетата, како што информираат од ЈОРСМ, до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Подрачна единица Гостивар, поднела барање за субвенции за 2021 година во кое навела невистинити податоци.
-Нерегуларностите во поглед на бројната состојба и ушните маркици на стоката биле утврдени при контрола од овластени лица од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој спроведена на 16 септември. Јавниот обвинител предложи на обвинетата да и биде определена парична казна од 10 до 100 дневни глоби, се вели во соопштението од ЈОРСМ.