Адаптација на пакетот мерки што ги определи Владата за работењето на угостителските објекти. Тоа е барањето што до властите ќе го достави Општина Охрид по денешната средба на охридските угостители со градоначалникот Константин Георгиески и претставници на Локалната самоуправа.
Угостителите од Охрид се на став дека најновите мерки за заштита од Ковид-19 не се добро осмислени, како и оти оставаат неодговорени прашања за начинот на кој ќе се одвива нивното работење после 16-ти август.
Денешната средба беше реализирана на барање нa угостителскиот еснаф и ХОТАМ (хотелска асоцијација на Македонија).
– Очекувавме повеќе одговори од Државниот пазарен инспекторат, но за жал тие биле спречени да дојдат на денешната средба. Се донесе заклучок дека, нашите барања коишто се однесуваат на новиот пакет, кој сметаме дека не е добро составен, да бидат ревидирани и да се изврши извесна адаптација на истите. Ќе чекаме одговор од повисоките инстанци, дали ќе најдат слух за нашите барања, рече после средбата Михаил Мишев, претседател на Охридскиот еснаф на угостители од Охрид.
Забелешките од страна на угостителите во најголем дел се однесувале на плановите за воведување редарска служба, потоа за начинот како да се постапува со гостите кои веќе влегле во државава и се сместени во хотелите врз основа на нивниот статус околу вакцинацијата, а нејаснотии се појавуваат и за тоа како да се постапува со веќе закажаните свадби.