Охридска банка и официјално стана дел од Шпаркасе Банка Македонија. Со спојувањето, сега Шпаркасе се качи на четвртото место на банкарскиот пазар во земјава. Според податоците на менаџментот, оваа банка сега го зголеми бројот на клиенти и уделот во сегментот „население“ за 13,4 отсто. Кај фирмите, тој процент сега ќе изнесува 15,1 отсто. Уделот на банката на девизниот пазар ќе изнесува 25%. Вкупната актива на Шпаркасе во Македонија се искачи на повеќе од една милијарда евра.

Advertisements

„Задоволен сум што го зголемивме нашето присуство во Северна Македонија за речиси трипати и станавме референтна банкарска групација во земјата. Заедно со силата на Ерсте Групацијата, наша цел е да го зголемиме нашиот придонес уште повеќе во следните неколку години….“, рече Георг Бухер, Претседател на Надзорниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

Извршниот директор на Шпаркасе вели дека во банката секое трето семејство во Македонија има сметка, а повеќе од 2/3 од присутните мултинационални компании ги вршат своите трансакции преку неа.

„Тоа е банка во која ќе делуваме како финансиски супермаркет, каде што секој ќе може да ги задоволи своите потреби и да го избере она што му е најпотребно и му носи додадена вредност“, изјави Глигор Бишев, Извршен директор Шпаркасе Банка Македонија.

Шпаркасе Банка сега веќе опслужува повеќе од 140.000 клиенти во земјава, има преку 35 експозитури и широка мрежа на банкомати на приближно 100 локации ширум државата. Ова беше прв случај на спојување на две банки во земјава.

Иле Петревски