Охрид е прогласен за трета најдобра дестинација за интровертните личности, односно за оние кои најдобро се чувствуваат кога се сами, покажуваат резултатите од студијата спроведена од страна на „UK Therapy Rooms“.
Истражувањето е спроведено со цел да ги открие најдобрите европски дестинации за интровертите, при што се земени предвид повеќе фактори, од бројот на туристи до бројот објави на Инстаграм по локација (колку е поголем бројот, толку помалку се погодни за интровертите). Понатаму, како што се објавува во студијагта, индексот вклучувал активности што се сметаат како погодни за интровертите, како што се вкупниот број на атракции по локација, знаменитости, музеи, природа, паркови, бањи, места за уживање…
Според резултатите од истражувањето спроведено на почетокот на овој месец, со индекс од 58,17 Охрид е прогласен за трета најдобра европска дестинација за интровертните личности.
Според образложението објавено на „UK Therapy Rooms“, Охрид годишно го посетуваат релативно мал број туристи, околу 200 илјади. Но, затоа, во Охрид има 123 атракции во кои можат да уживаат туристите, секако и локалните жители.
Како што пишува во студијата, тој северномакедонски град годишно угостува приближно 200 илјади туристи и е одлично место за патување низ историјата или опуштање покрај езерото. На располагање на туристите им се десет музеи и вкупно 123 атракции вредни за посета.
На гостите им се советува доколку се љубители на виното, да ја посетат Манастирската винарија, сместена во прекрасните предели под манастирот „Св. Кузман и Дамјан“, на само десет километри од градот.
„Тие не нудат само даски со мезе и дегустација на вино, туку и часови по сликање и планинарски тури“, стои во извештајот.
Понатаму, се наведува во студијата, Охрид е место со многу манастири и цркви, прекрасни архитектонски зданија целосно осликани од врвни мајстори, како што се „Света Богородица Перивлепта“ и манастирот „Свети Наум“.
Како совет за патување на лицата кои сакаат да уживаат, експертите на „UK Therapy Rooms“ нудат дестинации во кои гостите можат да ги „наполнат батериите“ и да се препуштат на уживање.
„Постојат многу начини да го направите ова, како што се прошетка во природа, читање книга или бањање. Можеби е можно дури и да се комбинираат овие моменти на подмладување со истражување на нова дестинација, како на пример со посета на уметничка галерија за тивко размислување или патување до добро познат локален парк или плажа“, се посочува во студијата.
Инаку, првото место или топ дестинација за интроверти е португалскиот остров Порто Санто, со оценка 70,19, додека второто место му припадна на градот Леон, во еверозападниот дел на Шпанија со оценка 64,27.