Написот на бриселскиот медиум ЕУ Обсервер дека иницијативата за можни санкции во однос на визната либерализација поради злоупотреби од одредени земји меѓу кои и дел од државите на Западен Балкан ја вознемири јавноста во земјава. Од Владата не ја коментираат ваквата информација.
„Владата не коментира информации објавени во медиуми врз основа на наводни неформални и непотврдени документи“, истакна Душко Арсовски.
Сепак ниту ЕУ Обсервер ниту интерниот документ што протече во јавноста не ја споменува Македонија дека е меѓу оние кои го прекршуваат визниот режим. Во генералната забелешка од Германија се наведува дека во случај да нема подобрување треба да се нагласи дека активирањето на механизмот за визна суспензија е реална опција.
Натаму се наведува дека меѓу оние кои имаат најголеми илегални влегувања и кршење на законите за странци, се земјите од Источното партнерство – Грузија, Молдавија и Украина, како и некои земји од Западен Балкан – Албанија и Србија. Единствено Белгија во својата забелешка ја споменува Македонија во која се наведува дека имало релативно зголемен број баратели на азил но тоа се оценува како привремен феномен. Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон вели дека е предложено суспендирање на безвизниот режим, но дека тоа не се однесува на Западен Балкан.
„Имаме нова алатка во раце во визниот кодекс според кој Комисијата секоја година проценува како третите земји соработуваат за реадмисија и ако тоа не го прават, предлагаме санкции за олеснетиот визен режим кон овие земји. За првпат Комисијата го презентираше предлогот летово и сега се процесуира на Совет и ја чекаме одлуката на Советот во следниот период. Но ниедна од земјите од Западен Балкан не се наоѓа во нашиот предлог“, истакна Илва Јохансон.
Европската унија во декември 2009 година донесе одлука со која на Македонија, Србија и Црна Гора им е дозволено слободно патување и престојување во земјите на Европската унија без виза во траење од 90 дена.