Стотици пожарникари се бореа со пожарот што ги принуди жителите на Оукленд, Калифорнија да се евакуираат.

Пожарот, кој се прошири на површина од околу пет хектари, избувна вчера поради екстремно суви и ветровити услови, пренесе ABC News.

Според шефот на пожарникарите на градот, Дејмон Ковингтон, најмалку две згради биле оштетени, но ниту една не била целосно уништена.

„Го спречивме ширењето на пожарот. Имаме уште многу работа, но сме во многу подобра ситуација отколку пред два часа“, рече Ковингтон на прес-конференција.

Во еден момент, повеќе од 200 домаќинства добија наредба да се евакуираат.

Пожарот избувнал околу 13 часот и 30 минути по локално време во областа на планината Келер и брзо почнал да се шири поради силниот ветер.

Причината за пожарот се уште не е позната.