Шумските пожари продолжуваат да беснеат низ светот. Огнената стихија е надвор од контрола во Грција, гори на Сицилија и Калабрија, а во Калифорнија беснее третиот најголем пожар во историјата на таа американска сојузна држава.
Северно од Атина, пламенот може да се види оддалеку и му се заканува на градот Варибоби, кој повторно беше евакуиран по големиот пожар пред четири дена.
Во истиот регион, во меѓувреме, избувнаа уште три големи пожари, кои се протегаат со километри и претставуваат опасност за некои предградија на Атина, објави синоќа државната телевизија, прикажувајќи снимки од долги колони автомобили кои ги напуштаат грчките градови.
Пожарникарски авиони, канадери и хеликоптери безуспешно се обидуваа преку ден да го стават пожарот во Грција под контрола и покрај силните ветрови. Но, штом зајде сонцето и се стемнува, тие мораат да престанат да летаат.
Тешка е ситуацијата и на островот Евија. Вториот по големина грчки остров обраснат со густа шума исчезна под густ облак чад од безброј помали и поголеми пожари. Тука се евакуирани стотици луѓе со бродови поради пожарот кој се приближувал до крајбрежните подрачја.
Нема знаци за подобрување ниту на Пелопонез. Спасувачките екипи вчера попладне беа принудени да ги евакуираат жителите на неколку други села, вклучувајќи го и популарното туристичко место Гитејон, живописен пристаништен град во близина на Спарта.
Неколку магацини и индустриски погони долж автопатот што ги поврзува Атина и Солун се запалија вчера, што резултираше со бројни експлозии.
Во изминатите 24 часа, дури 86 нови шумски пожари горат на подрачјето на Грција, објавија грчките пожарникари.
– Најмалку 18 лица се повредени и хоспитализирани. Повеќето од нив имаат проблеми со дишењето, изјави грчкиот министер за здравство Василис Кикиљас.
Две населби во провинцијата Ајдин во Турција се евакуирани како мерка на претпазливост поради пожарот, пренесува Анадолија.
Густ чад и оган се шират низ областа и се приближуваат кон куќите додека пожарникарите и жителите се обидуваат да го стават пожарот под контрола.
– Од вкупно 208 шумски пожари во 44 градови во Турција, 196 се ставени под контрола, изјави вчера турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Шумските пожари се активни во уште пет градови: Анталија, Мугла, Испарта, Ајдин и Денизли. Продолжуваат активностите за нивно ставање под контрола.
Италијанските противпожарни екипи продолжуваат да се борат против огнената стихија во јужниот дел од земјата, каде што метеоролозите предвидуваат екстремно високи температури во наредните денови. Истовремено, се очекува силно невреме во северниот дел на Италија.
Во изминатите 12 часа пожарникарите интервенирале на 395 опожарени места, главно на Сицилија и Калабрија.
Осум противпожарни авиони се борат со пожарите во провинциите Реџо Калабрија, Козенца и Матера.
Се чини дека јужниот дел на Италија нема да биде поштеден од екстремно високите температури ниту во наредните денови. Метеоролозите предвидуваат дека утре температурата ќе достигне до 40 степени Целзиусови, а потоа ќе се зголеми и до 45 степени.
Италијанскиот министер за животна средина Роберто Чинголани изјави дека повеќе од 57 проценти од пожарите во Италија се подметнати, а 14 отсто се последица на невнимание, како што е фрлање догорчиња од цигари или палење оган во природа.
Во текот на викендов се очекуваат грмежи во северниот дел на земјата. Неодамна, северниот дел на Италија, како на пример живописните места на езерото Комо и во Јужен Тирол, беше погоден од големи поплави.
Пожарникари и спасувачки екипи продолжуваат да се борат против пожарите кои ги зафатија голем број земји на Балканот. Покрај најлошите во Грција и Турција, пожари беснеат и во Северна Македонија и Албанија.
Поттикнат од силен ветер и голема суша, пожарот Дикси, кој ја зафати северна Калифорнија, сега беснее на површина од 175.153 хектари. Тоа е трет најголем пожар во историјата на оваа држава, рекоа официјалните лица.
Пожар избувна на 13 јули во кањонот на реката Фитер северно од Сакраменто и уништи најмалку 134 домови, а сега им се заканува на 13.871 објекти. Од безбедносни причини, илјадници жители на областа беа принудени да ги напуштат своите домови.
Најлоша ситуација била во Гринвил, град од времето на Златната треска со околу 1.000 жители, кој го зафати пожар во средата.
Портпаролката на градската администрација Серена Бејкер истакна дека огнот зафатил околу три четвртини од зградите.
Со пожарот се борат повеќе од 5.000 пожарникари кои вложуваат огромни напори да го изгаснат.